Quantcast
Channel: Православна Охридска Архиепископија
Viewing all 979 articles
Browse latest View live

Архиепископ охридски Јован – 17 години Архиерејска служба

$
0
0


19.07.2015

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, на празникот на преподобниот Сисој Велики, ја прослави 17-годишнината од хиротонијата во Архиерејски чин со свечена Архиерејска Литургија на која што му сослужуваа Нивните Преосвештенства, Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко и Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, како и свештенослужители на Православната Охридска Архиепископија.

Учество во Литургијата зедоа многубројните верници кои од различни краишта на Р. Македонија, но и од Р. Србија, Р. Грција и Р. Бугарија, дојдоа во Ставропигијалниот манастир „Свети Јован Златоуст“, Нижеполе, Битола, за да ја прослават годишнината од хиротонијата на Архиепископот охридски г.г. Јован.

Свеченоста ја збогатија и псалтите од црковниот византиски хор „Мојсије Петровиќ“, од Белград.

По прочитаното Евангелие, на верниот народ, со вдахновена беседа му се обрати Епископот г. Марко.

На крајот од Божествената Литургија Епископот г. Давид имаше обраќање кон Архиепископот г.г. Јован, во кое што нагласи: „Ваше Блаженство, вечноста веќе запиша дека делото на Вашиот живот е остварувањето на Соборноста. Некој друг, некогаш, без да ги праша, ги исфрли луѓето од плодната паша! Вие како вистински Архипастир ги вративте. И не само што ги вративте, туку, по углед на великите Отци на Црквата, се жртвувате за тие да пребиваат во Соборноста, за на тој начин да биде обезбедено обожението на човекот, кое е возможно единствено во, а никако вон Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.“ (целосниот текст на обраќањето можете да го прочитате тука: Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид – Обраќање на 17-годишнината од хиротонијата во Архиерејски чин на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован)

Потоа, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован изговори вдахновена омилија, во која истакна дека страдањето за единството, коешто паѓа на припадниците на канонската Архиепископија, не е за срам, туку за секоја пофалба. Верните на Охридска Архиепископија можат да го поместат тоа страдање за подоцна, на пр. некоја друга генерација да го поднесе страдањето за единството, но верниот народ не ја отфрли волјата Божја, расколот конечно да биде решен. Архиепископот г.г. Јован впечатливо посочи: „Со вашата вера Вие направите мост по кој некој само ќе гази без интерес за тоа кој го направил, но некој ќе биде свесен и дека без тој мост животот би му бил многу потежок“. Архиепископот г.г. Јован во својата омилија го упати и следниов повик до припадниците на Охридската Архиепископија: „Ве повикувам денес сите заедно, но ве замолувам тоа да го правите и секој од вас поединечно, да се помолите за оние наши браќа кои сè уште чмаат во раскол. Тие се наше тело и наша крв, и нема да бидеме мирни додека и нив не ги причислиме на телото Христово. Живеејќи толку многу децении надвор од Црквата тие всушност не се свесни за нивната незавидна состојба. Но, ние кои сме свесни за смислата на единството, ние кои сме свесни дека без единство со Црквата нема единство ни со Бога, ние да се помолиме за нив.“ (целосниот текст на обраќањето можете да го прочитате тука: Архиепископ охридски и Митрополит скопски Јован - Омилија на 17 – годишнината од хиротонијата во епископски чин).


Предавање на Архиепископот Јован на Православната Академија во Крит

$
0
0

13.08.2015

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован одржа предавање во просториите на Православната Академија на Крит, на тема „Љубовта зад решетки“.

Неговото Блаженство се наоѓа на посета на Крит на повик од Митрополитот на Кисаму и Селину г. Амфилохиј, кадешто ќе учествува во прославата во Богородичниот манастир во Колимвари, како и во манастирот Богородица Хрисоскалитиса. Митрополитот Амфилохиј на Архиепископот Јован му посака добредојде претставувајќи го како „современ маченик за верата и вистината“.

Присутен беше и Архиепископот критски г. Иринеј кој ја изрази неговата голема радост за престојот на Архиепископот Јован на Крит „Вашето доаѓање на нашиот остров ни претставува голема радост. Се радуваме што го гледаме Вашиот светол лик. През целото време ги следев Вашите искушенија и сострадував со Вас.“

Предавањето го следеа и Митрополитот на Кидониас и Аполорону г. Дамаскин и Епископот Авидски г. Кирил. Вовед во предавањето на Архиепископот Јован даде ректорот на Академијата г. Зорбас со осврт на историскиот развиток на Охридската Архиепископија и мачеништвото на Архиепископот Јован.

Откако се заблагодари за поканата, во своето предавање Архиепископот Јован, помеѓу останатото, истакна: „Човекот е создаден да ги гледа сонцето, месечината, ѕвездите. Три години во затвор не ги гледав ѕвездите. Прозорците беа свртени кон затворските ѕидови. Знаете ли што значи да не можете да ги разликувате денот од ноќта? Господ нè води во искуства кои не можеме да ги замислиме. Духовниот човек е должен да расудува за тоа што е Божја Волја и да ја следи... Преку страдањата Бог го спасува човекот. Човекот се спасува влегувајќи на тесна врата... Лекот за секоја ситуација е трпението... Како да им покажеш љубов на оние кои ти ја одзеле слободата, кога и самата љубов е слобода? Заклучив дека да не се одмаздуваш за злото што ти е нанесено е подвиг, борба која бара многу напор и молитва. Во своите молитви од Бога барав не да ми ги олесни страдањата, туку да ми ја даде Својата Благодат за да ги поднесам.“

Како што јавува официјалниот сајт на Митрополијата Кисаму и Селину, за да го чујат Архиепископот охридски г.г. Јован биле дојдени големо мноштво луѓе кои со восхит го проследиле неговото предавање.

Извор: http://www.imks.gr/el/events/1425--archbishop-of-ohrid-john-qthere-were-times-when-more-hurt-for-the-pain-of-my-flock-than-for-my-own-painq-1482015-front-greek.html

На празникот на Успение на Пресвета Богородица, според Григоријанскиот календар, Архиепископот Јован началствуваше на Литургијата во патријаршискиот манастир Богородица Одигитрија во Колимвари, на островот Крит

$
0
0

15.08.2015

На покана на Митрополитот на Кисаму и Селину г. Амфилохиј, под чија административна управа е патријаршискиот манастир Богородица Одигитрија во Колимбари, на Крит, Неговото блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован началствуваше на Литургијата за славата на манастирот, Успение на Пресвета Богородица. Нему му сослужуваше Епископот домаќин, Митрополитот на Кисаму и Селину г. Амфилохиј и свештенослужители од разни места во Грција.

Архиепископот Јован одржа беседа за Богородица како лествица кон небото. Во знак на спомен на настанот, Епископот домаќин му подари на Архиепископот Јован енколипја со ликот на Пресвета Богородица.

Посетата на Архиепископот Јован на Крит ќе продолжи уште неколку денови.

Интервју на Архиепископот Јован за „The Balkans“

$
0
0

16.08.2015

Новинарката Керол Ченг, за The Balkans, списание кое излегува на Тајван и третира актуелни теми од Балканот, во најновиот број објави интервју со Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

Интервјуто во продолжение го пренесуваме во целост:

Интервју на Архиепископот Јован во „The Balkans“

 

 

- 捉放是神的旨意嗎?還是撒旦的作為?

 

-Дали вашето неодамнешно ослободување од затвор го сметате за Божја волја или можеби за некакво случајно собитие?

Одговор: Долги години наназад се трудам да ја спроведувам Божјата волја. Колку во тоа успевам најдобро знае самиот Бог, но јас немам впечаток дека со некоја моја постапка намерно се спротиставувам на волјата Божја. Така, и мојата молитва во затворот не беше Господ да ми даде по секоја цена слобода, туку да бидам на слобода само ако му е тоа угодно на Бога. Па затоа верувам дека кога навистина Господ сметаше оти е најблагополучно, тогаш тој помогна да бидам на слобода.

 

 

- 在牢裡,早上起來第一個念頭是什麼?

 

- Додека престојувавте во заточение, со која мисла најчесто се будевте секое утро?

Одговор: Гледам дека сакате да направите невообичаено и би го нарекол многу личносно интервју. Немам против и ќе ви одговорам. Се будев со помислата дали се добро и како го доживуваат моето отсуство оние што ги оставив надвор од затворските решетики. Како се Епископите и свештенослужителите за кои знаев дека не можат мирно да спијат додека не ме ослободат од затворот. Како се монасите и монахињите за кои бев убеден дека не само што страдаат заради моето отсуство, туку страдаат и за најнеопходните продукти за живот: храна, облека и други секојдневни потреби. Но, неизоставно ми доаѓаше помислата и за секој од членовите на нашата Црква за кои се молев Господ да им ја утврди верата која беше поставена пред искушение. Од друга страна, нивната постојаност и решеност да истраат пред гонењата мене ми даваше сила во затворот. Токму во таквите содејства е убавината на соборниот живот во Црквата.

 

 

 

- 請你簡單說說牢裡的日子?牢裡如何靈修?有聖經可以看嗎?哪一句聖經裡的話特別對你有幫助?

 

- Дали би можеле накусо да ни го претставите секојдневниот живот во затворот? Како во заточение може да се одвива духовниот живот? Дали ви беше дозволено да го читате Светото Писмо? Кое изречение од Светото Писмо најмногу ви има помогнато?

Одговор: За жал, во затворите во Република Македонија отсуствува дури и најелементарниот поредок, а следствено на тоа нема никаква ресоцијализација на затворениците. Политичкиот хаос во кој живее земјата се рефлектира и на безпоредокот во затворот. За таквиот беспоредок веројатно допринесува уште и слабата финансиска поткрепа на затворите. Кога за затворениците не можете да обезбедите она што им е најнеопходно: храна  и средства за хигиена, а да не говориме за облека, постелнина или прибор за јадење, тогаш јасно ви е дека таму не може и да се воспостави поредок. Во Идризово, во затворот каде што бев јас, им се дозволуваше на затворениците да носат храна од дома, зашто поинаку се плашеа дека во затворот ќе има бунт заради недостаток на храна. Секако дека им се дозволуваше од дома да донесуваат облека, постелнина, па дури и прибор за јадење: чинја, лажица и вилушка, зашто затворот немаше финансиски капацитет да го набави дури ниту тоа за затворениците. Е во такви услови, каков поредок може да се наметне? Во таква хаотична состојба да говориш за квалитет на духовен живот е беспредметно. Во состојба кога времето за молитва, за тихување, за читање треба да го украдеш од беспоредокот, навистина е тешко да се говори за духовен живот. Но, фала му на Бога, тоа е сега минато, ама ги жалам оние што останаа во затворот, а особено оние со високи затворски казни, зашто за нив не е казна само тоа што се затворени, туку уште поголема казна што живеат во таков беспоредок.

 

 

-你有不解神的旨意是什麼的時候嗎?在牢裡的心情是喜樂?鬱悶?時喜時憂?

 

- Дали имавте мигови кога се сомневавте во Божјата волја? Во заточение може ли да се има радосен дух, или можеби потиштеноста преовладува; или, пак, овие две состојби наизменично доаѓаат и си одат?

Одговор: Човекот е слабо и кршливо битие. Кога апостол Павле за себе вели дека ослабел, како и секој човек, тоа уште повеќе важи за мене. Но, Господ ја знае границата на  нашата слабост и доаѓа да нè освежи токму кога ни е најпотребно. Секако дека во заточение може да се има радосен дух зашто духот всушност и никогаш неможе да биде заточен. Особено ако човек живеее во Духот Божји. Духот дише каде што сака. (Јн. 3,8) Тој е слободен. Така и затвореникот кој го има Духот Божји во затвор е само физички. Неговиот дух е слободен. Но, секако дека радоста и тагата го пратат секој човек. Дури и најдуховните луѓе живеат во состојба на една радосна тага, само што во таквата состојба не може да се направи строга поделба меѓу радоста и тагата, туку тие некако сожителствуваат. Тагата се заквасува со радост, за да не е неподносливо горка, но и радоста никогаш не оди без тага, за да не се заборави дека во овој свет сепак има смрт.

 

 

 

- 你是人,必然有軟弱的時候,怎麼辦?

 

- Како и секој човек, така и вие сигурно сте доживеале мигови на слабост. Како се имате справувано со нив?

Одговор: Кога дува силен ветер најдобро е да се подзаскриеш. Кога надоаѓа цунами, најдобро е ако има можност да се поместиш од зоната на неговото дејство. Многу слично е и со слабоста. Кога надоаѓаат моменти на слабост најдобро е да го применуваш она  за кое си се вежбал да го практикуваш во такви ситуации, а тоа е трпението. Трпението е лек за сите непријатни ситуации во кои може да се западне. Токму затоа тоа се вместува со највисоките добродетели.

 

 

 

- 用什麼話來鼓勵你的同事?

 

-  Со какви зборови обично ви доаѓало да ги охрабрувате вашите созаточеници?

Одговор: Најчесто со зборовите со кои и сам се охрабрував, а тоа се зборовите на апостолот Павле: „Се фалиме со маките, знаејќи дека од маката се раѓа трпението, од трпението – искуството, а од искуството – надежта.
Надежта, пак, не посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети” (Рим. 5, 3-5).

 

 

- 用什麼訊息鼓勵的教友?

 

- Со кои пораки, пак, вообичаено ги охрабрувавте верниците надвор?

Одговор: Ним исто така им говорев од зборовите на апостолот Павле: „Сигурен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите ниту некои други небесни сили, ниту сегашноста, ниту иднината, ниту нешто друго на небото или во адот, ниту некоја друга твар, би можеле да нè разделат од љубовта Божја кон нас, како што таа се објави во личноста на Исуса Христа нашиот Господ“ (Рим. 8,31–39).

 

 

- 對把你放進牢裡的人,我知道你不恨他們,但你有恨與原諒的衝突嗎?

 

- Во однос на оние што ве ставија во затвор, јас разбирам дека не ги мразите, но дали сте почувствувале двоумење помеѓу омраза и простување?

Одговор: Со ова прашање ми влеговте најдлабоко во внатрешниот човек и во внатрешната борба која ја имав во затворот. Всушност, секоја друга борба во затворот беше полесна од борбата не само да не се мразат оние што на правда Божја ме затворија неправедно, туку и да им се прости за злосторството и неделата што ги направија, не само кон мене, туку и кон целата Црква Божја. И ако сега треба со еден збор да кажам дали победив во таа битка, скромно и со смирение ќе одговорам дека незнам, но веројатно сеуште не во потполност. Час ќе помислев дека е готово и дека не само што не ги мразам моите гонители и поробувачи туку дури и им простувам. Ќе бидам лицемер ако ви речам дека стигнав до такво духовно рамниште и безрезервно да ги љубам. Но, штом ќе се успокоев од искушението, тоа по некое време повторно се навраќаше. Можеби затоа што сеуште бев во затвор и под тоа бреме требаше да се победува таквото искушение. Сега, кога веќе сум на слобода како да сум поспокоен и како да ја немам таа горчина која ја раѓа злопамтењето. Но, знам дека тоа ќе биде борба уште за долго. Господ само да ми биде на помош да не потклекнам, зашто без таа победа сето неправедно страдање кое го претрпев ќе биде залудно.

 

 

-  你入牢的「志業」尚未完成,要繼續回馬其頓「奮鬥」嗎?

 

-  Црковните состојби поради кои бевте затворани сеуште не се разрешени; дали сте со намера да се вратите во Македонија да се потрудите за нивно разрешување?

Одговор: Секако, Република Македонија е место за мене од Бога одредено каде да ја извршувам својата пастирска служба. Едвај чекам после овој период на здравствено опоравување во Русија, да се вратам на местото на мојата пастирска служба. Таму треба уште многу работа за да се постигне целосно единството на Црквата, но дури и кога со Божја помош ќе се постигне од нас посакуваното единство ќе има нов  предизвик на службата, а тоа е словесната служба меѓу народот во Р. Македонија која нажалост во оваа наша современост многу  недостасува.

 

 

- 出獄有什麼條件?

 

- Дали вашето ослободување од затвор подразбираше одредени услови?

Одговор: Не. Моето ослободување од затвор можеше да случи пред повеќе од една година и шест месеци. Но, тогаш се бараше исполнување на одредени услови од моја страна, имено да се согласам по ослободувањето да ја напуштам Република Македонија и повеќе да не се враќам. Како што е познато, јас под такви услови не се согласив да бидам ослобден и останав во затвор. Сегашново ослободување е без било какви услови, зашто кога би ми биле поставени некакви услови секако дека повторно ќе го одбиев таквото ослободување. Ако се согласев на ослободување под било кои услови, всушност ќе го порекнев тоа што многукратно се покажа и докажа, дека моето затворање всушност беше со политичка цел, да биде цена за пазарења за признавање на автокефалноста на МПЦ. На тоа едноставно неможев да се согласам заради моите верски и црковни убедувања, без оглед на тоа која цена требаше да ја платам.

 

 

- 東正教大家庭的主教們,對你今後的工作有什麼計劃?對你的態度有什麼建議?

 

- Какви се плановите за вашата дејност во рамките на големото православно семејство? Кои се обично советите што ги добивате во врска со вашата дејност?

Одговор: Моите планови секогаш се врзувале за исполнување на волјата  Божја. Така и сега по излегувањето од затвор, а можам да речам дури уште понагласено. Расколот во Црквата пред сè е рана на телото Христово, па затоа тој е всушност болка што ја трпи самиот Христос. Но, таа болка треба да да ја чувсвуваат и сите воцрковени личности, а особено Епископите на Црквата. Нивната служба и должност всушност е да се грижат за единството на Црквата. И затоа сметам дека е многу добро што прашањето за расколот на Црквата во Р. Македонија го заинтересира веќе целиот православен свет. Скоро да нема човек меѓу православните христијани, што не чул за гонењата и затварањата што ги претрпува еден Архиепископ во Република Македонија, а само затоа што се бори за единство на Црквата. Така, на несакање, преку гонењата што ги спроведоа, властите во Р. Македонија всушност ѝ направија и голема услуга на канонската Црква. Вистината да се дознае од исток до запад и од север до југ.

 

 

- 如果你的態度不變,政府勢必還會想辦法抓你不是?

 

- Доколку опстоите на своите ставови, дали постои опасност властите повторно да се обидат да најдат начин да ве затворат?

Одговор: Доколку упорно се одлучат да работаат на своја штета, како што за жал до скоро беа одлучни да работаат, тогаш секако да. Но, да се надеваме дека ќе се вразумат, а ако не го направат тоа сами, тогаш Господ ќе најде свој метод да ги вразуми, слично како што вразумил многу властодршци во минатото.

 

 

- 為神到俄羅斯?不回馬其頓啦?

 

- После величествениот дочек во Русија какви планови имате?

Одговор: Во Русија навистина имаме достоинствен дочек. Пред сè ни беше овозможено да направиме детален преглед на здравствената состојба. Се покажа дека затворот допринел да се јават многу здравствени проблеми, но за среќа не од неизлечива природа. Така, половината од мојот планиран престој во Русија всушност се потроши на медицински испитувања и здравствени лекувања. Но, последново време веќе го ползувам да се поклонам на многуте светињи низ Русија, да служам и да се помолам. Посетив значајни манастири и места во северозападниот дел на Русија, а ако даде Бог се надевам дека ќе имам можност да ги посетам и светињите во Москва. Но, секако срцето и мислите постојано ме влечат кон местото на мојата од Бога дарувана служба, а тоа е пред се во Република Македонија. Така, по мајскиот Архијерејски Собор во Белград се надевам дека ќе бидам покрај Епископите, свештениците, монасите и верниот народ во Република Македонија.

Архиепископот Јован во посета на Критската Архиепископија

$
0
0

17.08.2015

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован во понеделникот, на 17 Август 2015, ја посети Критската Архиепископија, во придружба на Преосвештениот Митрополит на Кисаму и Селину г. Амфилохиј, по чијашто покана се наоѓа на островот Крит.

Наоѓајќи се на Крит, Неговото Блаженство ја прифати понудата на Високопреосвештениот Архиепископ на Крит, г.г. Иринеј да ја посети и Критската Архиепископија, во градот Ираклио.

Архиепископот Јован беше пречекан од Архиепископот Иринеј во соборниот храм, посветен ка светиот Тит. Таму се поклони на Чесната Глава на светиот Апостол Тит, првиот Критски Архиепископ, а потоа го посети и храмот на свети Мина и музејот на христијанска уметност „Света Екатерина Синајска.

Потоа, Архиепископот Јован имаше средба со Архиепископот Иринеј, на којашто се осврна на долгите страдања и на потешкотиите со кои се соочува Црквата на која ѝ служи. Архиепископот Иринеј ја изрази својата поддршка во борбата на Архиепископот Јован.

По средбата, отидоа до манастирот посветен на светите Теодори, каде што, по приемот кој беше приреден од братството, беше послужена трпеза за значајните посетители.

Во продолжение, Блаженејшиот го посети манастирот „Саватианон“, посветен на Рождеството Богородично , и манастирот „Воведение Богородично“, во Родиа.

Посетата на Архиепископот Јован се заокружи со вечера во Критската Архиепископија, каде Архиепископот Иринеј се збогуваше со него и му се заблагодари за посетата, пожелувајќи му сила во борбите и во својот маченички пат.

Прослава на Успението Богородично во Православната Охридска Архиепископија

$
0
0

28.08.2015

Православната Охридска Архиепископија го прослави Успението Богородично торжествено и со црковно благолепие, во оној дух во којшто овој празник се празнува низ вековите во Црквата, а се празнува како: Пасха на летото!

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован богослужеше света Архиерејска Литургија во манастирот посветен на Успението Богородично, во с. Лагово, во близина на Прилеп, кадешто јеромонахот Мојсеј го постави за настојател на манастирот, а јероѓаконот Висарион го произведе во архиѓакон.

Епископот полошко-кумановски и Местобљустител дебарско кичевски г. Јоаким богослужеше во параклисот Успение на Пресвета Богородица со Охрид.

Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко началствуваше, во сослужение на Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид во манастирот, исто така, посветен на Успението Богородично во с. Сушица, во близина на Скопје.

Свети Литургии беа служени и во сите останати богослужбени места на Православната Охридска Архиепископија во Р. Македонија.

После богослужбите беше приредена трпеза и пригодна уметничка програма.

На празникот на полагање на појасот на Пресвета Богородица, Архиепископот Јован го ракоположи во презвитерски чин ѓаконот Марко Манојловиќ

$
0
0

13.09.2015

Во 15-тата недела по Педесетница, кога се слави празникот на Полагањето на појасот на Пресвета Богородица, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, началствуваше на Утрената и служеше Литургија во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола.

На Литургијата во ракоположи во презвитерски чин ѓаконот Марко Манојловиќ од Скопје.

По вторпат одложен почетокот на судењето на Архиепископот охридски Јован

$
0
0

18.09.2015

На 18 Септември 2015 г., во Основниот суд Скопје I, Скопје, по вторпат беше одложен почетокот на судењето на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, за обвинение за коешто тој веќе има издржано затворска казна. Заедно со Архиепископот охридски г.г. Јован обвинети се уште двајца Епископи и повеќемина свештеници, монахињи и верници на Православната Охридска Архиепископија.

Архиепископот охридски г.г. Јован уредно се одзва на судската покана за почеток на судењето, коешто беше закажано за денес, 18 Септември, но во Основниот суд Скопје I му беше предочено дека почетокот на судењето е одложен.

Споменатиов почеток на судскиот процес првично беше закажан за 30 Јули, потоа беше одложен за 18 Септември, за одново да биде презакажан за 2 Ноември 2015 година. Почетокот на овој најнов закажан судски прогон се провлекува низ пет месеци, а притоа ниту еднаш не е соопштена причината за одоговлекувањето на процесот.

Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква на 27 Мај, оваа година, одлучи да одобри продолжение на дијалогот за решавање на прашањето за статусот на непризнатата МПЦ: „под услов пред конечното регулирање на ова прашање, да биде постигнато позитивно решение на новиот судски процес, којшто е покренат против Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, како и против 18 други припадници на Православната Охридска Архиепископија, меѓу кои и двајца Епископи.“


Архиепископот Јован началствуваше на Литургијата на прославата на патронот на бачката епархија

$
0
0

19.09.2015

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован на денот кога се споменува чудото на свети Архангел Михаил во Хона, кој е патрон на епархијата бачка, началствуваше на Литургијата која се отслужи во храмот „Рождество на свети Јован Претеча“, во Бачка Паланка. Нему покрај епископот домаќин, бачкиот Иринеј, му сослужуваа епископите: банатскиот Никанор, шумадискиот Јован, далматинскиот Фотиј, австриско-швајцарскиот Андреј, франкфуртскиот и на цела Германија Сергеј, тимочкиот Иларион, јегарскиот Јероним, умировените епископи Георгиј и Филарет и свештенослужители од бачката епархија.

Пред отпустот на Литургијата, Архиепископот Јован го поздрави домаќинот на Епархиската слава, бачкиот Епископ Иринеј, од име на сите присутни Архијереи.

Архиепископот Јован служеше во Соборниот храм во Нови Сад

$
0
0

20.09.2015

Во шеснаесеттата недела по Педесетница, на 20 Септември 2015 год., на празникот на светиот маченик Созонт, во Соборниот храм на светиот великомаченик Георгиј во Нови Сад, света Литургија служеше Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, во сослужение со Неговото Преосвештенство Епископот новосадски и бачки г. Иринеј, јеромонахот Дионисиј (Ботев), собрат на Светоархангелската обител во Ковиљ, архиѓаконот Висарион, братството на Соборниот храм и новосадските ѓакони.

Во евангелската омилија, Блаженејшиот Архиепископ Јован помеѓу останатото нагласи: „Приказната за талантите е приказна која ја живееме и проживуваме сите ние во текот на нашите животи. Сите ние во животот добиваме некои таланти, на различни начини и на различни нивоа. Никој не може да живее во овој свет без ниту еден талант, дали биолошки или духовен. Биолошки се оние кои ги наследуваме од нашите родители, а духовни се оние кои ги добиваме низ светите тајни, особено низ светата тајна крштение. Колку и да добиеме таланти, потребно е со нашата воља да вложиме напор да ги умножиме.“

Во текот на светата Литургија, по благослов на Владиката Иринеј, беше извршен молебен за почеток на школската работа – призив на Пресветиот Дух, на почетокот од школската година.

По отпустот на светата Литургија, Владиката Иринеј му се заблагодари на Архиепископот Јован за началствувањето со Евхаристиското собрание и на евангелската проповед, честитајќи му го празникот на насобраниот народ Божји. На присутните деца владиката им посака добро здравје и успех во совладувањето на школските задачи и усвојувањето на корисни знаења.

 

Извор: http://spc.rs/sr/arhiepiskop_jovan_sluzhio_u_sabornom_hramu_u_novom_sadu

Митрополитот на Глифада г. Павле, од Православната Црква на Грција, во посета на Православната Охридска Архиепископија

$
0
0

26.09.2015

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Глифада г. Павле се наоѓа на посета на Православната Охридска Архиепископија, на покана од Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

Во текот на неговиот престој, Митрополитот Павле посети многу од видните историски храмови и манастири во Р. Македонија: во Скопје манастирот Свети Пантелејмон во Нерези, Свети Андреј на Матка, во Охрид манастирот Свети Наум, црквите Света Софија и Богородица Перивлепта и во Преспа: храмот Свети Ѓорѓи во Курбиново и манастирот Рождество Богородично во Сливница. Неговото Високопреосвештенство го изрази своето воодушевување од богатството на историското наследство, но истовремено и својата ожалостеност што тоа богатство е или запуштено во негрижа, или претворено во угостителски објекти.

Митрополитот Павле во Скопје, каде што беше пречекан и од Неговото Преосвештенство Епископот стобиски г. Давид, посети дел од богослужбените места на Православната Охридска Архиепископија – манастирот Успение Богородично и параклисот Свети Нектариј Егински.

Митрополитот на Глифада Павле му подари на Архиепископот Јован честица од Чесниот Крст

$
0
0

27.09.2015

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Глифада г. Павле во текот на својата посета на Православната Охридска Архиепископија, началствуваше на вечерната богослужба за празникот Воздвижение на Чесниот Крст, во манастирот Свети Јован Златоуст, во Битола.

На крајот од богослужбата, Митрополитот Павле му се обрати на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован со трогателни зборови, осврнувајќи се на неговото мачеништво и сведоштво на верата. Истакнувајќи дека исповедањето на верата на Архиепископот Јован е светол пример и за него самиот, и за целиот православен свет, во знак на својата љубов, Митрополитот Павле на Архиепископот Јован му подари честица од Чесниот Крст на којшто беше распнат Господ Исус Христос.

Прослава на празникот Воздвижение на Чесниот Крст во манастирот Свети Јован Златоуст, во Битола

$
0
0

27.09.2015

На празникот на Воздвижението на Чесниот Крст, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован началствуваше на Божествената Литургија во манастирот Свети Јован Златоуст, во Битола. Нему му сослужуваа Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Глифада г. Павле, од Црквата на Грција, и Преосвештените Епископи брегалничкиот г. Марко и стобискиот г. Давид како и свештенослужители од Православната Охридска Архиепископија.

На крајот од Утрената, Архиепископот Јован ја изврши службата на Подигнување на Чесниот Крст.

Параклисот Свети Максим Исповедник беше претесен да ги собере сите верни коишто пристигнаа од повеќе места на Р. Македонија за да го прослават заедно со својот Архипастир Воздвижението на Чесниот Крст.

После прочитаното Евангелие, Митрополитот Павле беседеше за значењето на Крстот. По Литургијата, Архиепископот Јован му се обрати на Митрополитот Павле, заблагодарувајќи му се за неговата посета и за скапоцениот подарок – честицата од Чесниот Крст на Господа Исуса Христа.

Во неделата по Воздвижение на чесниот крст, Архиепископот Јован служеше во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола

$
0
0

04.10.2015

Во неделата по Воздвижение на чесниот крст, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски служеше и проповедаше во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола.

Сеправославно сослужување и црковни свечености во Врање, Р. Србија

$
0
0

04.10.2015

На 03 и 04 Октомври, во Врање, Р. Србија, се одржаа неколку значајни настани од современиот црковен живот, на коишто, во име на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, учествуваше Неговото Преосвештенство Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид, со лекари припадници на канонската Црква во Р. Македонија, Православната Охридска Архиепископија.

Имено, на 03 Октомври, после кратко временско сопирање на активностите, повторно беше востановена работата на „Служителите на здравјето на љубовта“, порано познати како организација на „Лекари на љубовта“. Православната Охридска Архиепископија е член на оваа организација на православни лекари од Септември 2004 година. На средбата на којашто учествуваа Архиереји од повеќе помесни цркви и лекари претставници од различни црковни јурисдикции, вклучително и од Православната Охридска архиепископија, беа договорени следните чекори на православните лекари, првенствено во областа на превентивната медицина и болестите на зависностите, а на иницијатива на Епископот г. Давид, остана отворена можноста некоја од следните седници на оваа меѓуправославна хуманитарна организација да биде одржана и во Р. Македонија.

Истиот ден, во попладневните часови беше основано и сеправославното Друштво „Преподобен Јустин врањски и келијски“, коешто за главни цели ќе ги има промовирањето на учењето на преподобниот Јустин врањски и келијски, одржување и збогатување на соработката помеѓу епархиите од различните помесни цркви, како и организирање на активности на православните манастири, парохии од областа на уметноста, културата образованието, и ширење на меѓусебните контакти кои ќе придонесат во вкупниот развој на епархиите на источната православна Црква. Потписници на статутот на Друштвото на основачкото собрание беа претставници од Московската Патријаршија, Српската Православна Црква, Атинската Архиепископија, Полската Православна Црква, Православна Црква на Албанија, Православната Охридска Архиепископија и други. Од Архиерејите, на основачкото собрание учествуваа Митрополитите: димитријадскиот г. Игнатиј и загребско-љубљанскиот г. Порфириј, и Епископите: бачкиот г. Иринеј, врањскиот г. Пахомиј, шахтинскиот и милеровски г. Симон, горличкиот г. Пајсиј, стобискиот г. Давид, крушевачкиот г. Давид, франкфуртскиот и на цела Германија г. Сергиј, како и официјални претставници од други помесни цркви. После основачкото собрание беа договорени активностите за текот на следната година.

Делегацијата на Архиерејите беше примена од градоначалникот на градот Врање, а во вечерните часови во беше одржана свечена духовна академија.

Следниот ден, 04 Октомври, во Соборниот храм „Света Троица“, во Врање, со црковно благолепие, беше отслужена света Архиерејска Литургија на која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот димитријадски г. Игнатиј. Нему му сослужуваа Нивните Преосвештенства Епископот шахтински и милеровски г. Симон, Епископот горлички г. Пајсиј, Епископот крушевачки г. Давид, Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид и Епископот домаќин, г. Пахомиј. На Литургијата пееја монахињите од врањската Епископија и хорот за источно пеење при Митрополијата Димитријадос од Волос.

Меѓуправославната средба заврши во родната куќа на преподобниот Јустин врањски и келијски, во Врање, којашто е седиште на сеправославното Друштво „Преподобен Јустин врањски и келијски“.


Во 19-тата недела по Педесетница, Архиепископот Јован служеше во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола

$
0
0

11.10.2015

Во 19-тата недела по Педесетница, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован служеше и проповедаше во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст во Битола.

Предавање на Архиепископот охридски г.г. Јован за Поуке.орг

$
0
0

11.10.2015

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, на 11 Октомври 2015 год., одржа предавање на тема: Страдањето на Црквата во Р. Македонија во 21 век – Македонскиот раскол.

Видео линк од предавањето, коешто се емитуваше во живо, беше поставен на насловната страница на извесната православна социјална мрежа Поуке.орг, којашто и го организираше ова предавање на својот YouTube профил.

За време на предавањето, соговорник на Архиепископот охридски г.г. Јован беше мр Александар Милојков, теолог. После предавањето, кое предизвика голем интерес, гледачите имаа можност да му поставуваат прашања на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната содржина од споменатото предавање и разговорот, којшто следеше:

Прослава на празникот Покров на Пресвета Богородица во Куманово

$
0
0

14.10.2015

Празникот Покров на Пресвета Богородица, кој е храмов празник на параклисот во Куманово, беше торжествено прославен со Света Архијерејска Литургија.

На Литургија началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот полошко-кумановски и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким, во сослужување на свештенослужители од ваљевската епархија на Српската Православна Црква и од Православната Охридска Архиепископија, и со учество на мноштво верен народ.

Во 20-тата недела по Педесетница, Архиепископот Јован служеше во параклисот Св. вмч.-ца Екатерина во Скопје

$
0
0

18.10.2015

Во 20-тата недела по Педесетница, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован служеше и проповедаше во параклисот Св. вмч.-ца Екатерина во Скопје.

Во неделата посветена на светите отци од Седмиот Вселенски Собор, Архиепископот Јован служеше во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст

$
0
0

25.10.2015

Во неделата посветена на светите отци од Седмиот Вселенски Собор, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован служеше и проповедаше во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст, во Битола.

Viewing all 979 articles
Browse latest View live




Latest Images

Vimeo 10.7.0 by Vimeo.com, Inc.

Vimeo 10.7.0 by Vimeo.com, Inc.

HANGAD

HANGAD

MAKAKAALAM

MAKAKAALAM

Doodle Jump 3.11.30 by Lima Sky LLC

Doodle Jump 3.11.30 by Lima Sky LLC

Doodle Jump 3.11.30 by Lima Sky LLC

Doodle Jump 3.11.30 by Lima Sky LLC

Vimeo 10.6.1 by Vimeo.com, Inc.

Vimeo 10.6.1 by Vimeo.com, Inc.